Глобална иницијатива EV100

13.03.2019

Транспортниот сектор е еден од најбрзо растечките фактори кои придонесуваат кон климатските промени, со уддел од 23% емисии на стакленички гасови од енергенси на глобално ниво и 20% од вкупното загадување во Македонија.
Токму затоа, транспортот претставува сегмент со огромен потенцијал за намалување на негативните ефекти врз животната околина и неопходно е преземање на итни мерки од страна на сите релевантни чинители. Компаниите со своите возни паркови поседуваат повеќе од половина од регистрираните возила на патиштата, и со нив значително влијаат на емсииите на CO2 и загадувањето во форма на бучава. Неспорно е дека бизнисите во своите стратегии за унапредување на животната околина мораат да го интегрираат ефектот на транспортот.
 
Инциијативата EV100 нуди обединување на приватниот сектор во остварување на овие цели, служејќи како мотивација за забрзана транзиција кон електрични возила и поставување на страндард за електричен сообраќај во 2030 година.
Со приклучување кон иницијативата, компаниите се заложуваат дека ќе интегрираат:

  • електрични возила во сопствените или изнајмените корпоративни возни паркови.
  • клаузули во сервисните договори со добавувачи за користење електрични возила.
  • мерки за поттикнување на персоналот за употреба на електрични возила преку овозможување на инфраструктура за полнење во рамки на работните објекти.
  • мерки за поттикнување на корисници за употреба на електрични возила преку овозможување на инфраструктура за полнење во рамки на комерцијалните објекти.
Бројот на членки на иницијативата е во постојан пораст, со претставници од различни индустрии: поштенски и транспортни услуги, телекомуникациски, енергетски технолошки и компании од финансискиот сектор, производствени и прехрамбени компании и многу други.
 
Една од првите членки е Икеа, познатиот шведски производител на мебел. Компанијата неодамна се заложи дека до 2020 година, целосно ќе премине на возила без погон на фосилни горива во Њу Јорк, Лос Ангелес, Париз, Амстердам и Шангај, а до 2025 тоа ќе го направи и на светско ниво.
На крајот на јануари оваа година, веќе ја достигна оваа цел во Шангај, еден од најзагадените градови во светот. Сите достави во реонот на Шангај веќе се извршуваат со електрични возила. За да стигне до оваа точка, Икеа спровела план за градење на локални партнерства со добавувачи со електрични возни паркови и достапна инфраструктура за полнење. Подготвеноста и волјата за промена кај локалните компании ја направила оваа транзиција полесна. Токму таа мотивација на локалните бизниси е пример за тоа како промените треба да се воведуваат долж целокупниот синџир на создавање на вредност.
Мерките кои Икеа ги имплементира не застануваат тука. Интегрален дел од стратегијата се и корисниците. При понатамошното проширување, Икеа планира да гради помали продавници во урбани населби со добра поврзаност со јавен транспорт наместо огромни продажни објекти надвор од градовите. Со ова корисниците се охрабруваат да стигнат до продавницата и пеш или со велосипед.
Сето ова е дел од пошироката стратегија за оддржливост на компанијата која меѓу другите мерки за намалување на сопственото негативно влијание на животната околина вклучува исфрлање на производи од пластика за една употреба и преминување на 100% обновлива енергија на своите капацитети.
Очигледно електрификацијата на транспортот е реалност која неминовно ќе продолжи во наредниот период и во блиска иднина ќе биде незамисливо да постојат градови и сообраќај без доминантен број на електрични возила. Приватниот сектор мора да насочи посериозни напори за успешна реализација на оваа транзиција.
 
Извори:
https://www.theclimategroup.org/project/ev100
https://www.fastcompany.com/90297201/in-shanghai-every-ikea-delivery-is-now-made-with-an-electric-vehicle