Што е електромобилност?

Електромобилност како термин ја означува употребата на електричната енергија за движење на возилата наместо фосилни горива. Се работи повеќе за еден генерален концепт отколку за конкретна технологија.

Електрични возила се транспортни уреди кои се движат со помош на електрична енергија. Електричната енергија се складира во батерии, а движењето на овие возила се остварува со помош на еден или повеќе електрични мотори. Батериите се полнат преку кабел во електричен приклучок или со движењето на моторот. Електричните возила може да бидат автомобили, возови, автобуси, камиони, скутери, тротинети, велосипеди, итн.
 
Постојат неколку видови на електрични возила:
  • Хибридни електрични возила

Овие возила имаат мотор на гориво и батерии кои се напојуваат од движењето на моторот, без можност да се полнат на приклучок за електрична енергија.

  • Приклучни хибридни возила
Овие возила имаат мотор на гориво, електричен мотор и батерии кои се полнат со приклучување.
  • Електрични возила со батерии
Овие возила имаат електричен мотор и батерии кои се полнат со приклучување.
 
Продобивките од користење на електрични возила се повеќекратни како за сопствениците, така и за поширокото општество.
 
За сопствениците:
  • Електричните возила се поефикасни од класичните – трошоците за електрична енергија се значително помали од трошоци за фосилно гориво.
  • Електричните возила се поефтини за одржување, најмногу поради помалиот број на делови кои кај класичните возила се предмет на често сервисирање. Со денешната технологија, прозводителите нудат и батерии со долг век на траење па така нема ни потреба за промена на батериите.
  • Поради начинот на распределување на тежината на батериите, но и помалата веројатност за пожари при судири, ги прави повеќето електрични возила и побезбедни.
За општеството:
  • Намалување на загадувањето на воздухот
Со самото тоа што не користат фосилни горива (или во случајот на хибридните возила коористат помалку), возилата имаат намалена односно 0 емисија на CO2.
  • Намалено загадување од бучава
Електричните возила се скоро бесшумни така што во населените места намалувањето на бучавата го зголемува квалитетот на живот.
  • Искористување на обновлива енергија
Живеењето со електрични возила го мотивира користењето на обновливи извори на енергија кои дополнително придонесуваат за намалување на загадувањето на воздухот и животната средина.