Следејќи ги глобалните трендови, ЕВН презема конкретни чекори во функција на поширока адаптација на електромобилноста во Северна Македонија. Најбитен предуслов за поинтензивно користење на електричните возила е постоењето на соодветна развиена инфраструктура за полнење. Покрај полнењето во своите домови, за да можат да патуваат на поголеми дистанци, на сопствениците на електрични возила им се потребни и полначи достапни на јавни површини. Полначите е неопходно да се поставени во правецот на движење на возачите и на дистанци до 100km еден од друг.
ЕВН, во соработка со општините изгради сериозна електрична инфраструктура низ целата држава. Во рамки на проектот за развој на електромобилноста, ЕВН постави станици за полнење на електрични возила во 18 градови. Во Град Скопје, поставени се повеќе полначи кои покрај на јавни површини, достапни се и во фреквентни приватни објекти како хотели, шопинг центри и слично.
Отсега сите сопственици на електрични возила, од земјата или од странство, ќе можат да патуваат непречено во било кој правец во, но и надвор од границите на државата.
Полначите може да се користат со ЕВН картичка за полнење или преку плаќање со кредитна картичка.
Целите на ЕВН се јасни – зголемување на бројот на електрични возила на улиците што ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот, помала бучава во урбаните средини и долгорочна одржливост на животната околина. ЕВН во континуитет продолжува да ја шири и подобрува мрежата, особено со очекуваниот зголемен интензитет на користење на овие возила.